
Снегот повлече забрана за тешки возила на планинските превои
Ѓавато, Стража, Пресека, Барбарос и патот маврово – Дебар се затворени за сообраќај за тешки товарни возила поради интензивните врнежи од снег, соопштија од АМСМ.
„Од 12 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато на патниот правец Битола – Ресен.Утрово во 10:45 часот е воведена на патниот правец Кичево – Охрид преку планинскиот превој Пресека, а од шест часот и на планинскиот премин Стража“, соти во соопштението.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива, по влажни коловози. Врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, Маврово, Кула, Крушево, Крива Паланка – ГП Деве Баир и на планинските премини Стража, Ѓавато и Пресека.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
За македонски државјани се затворени сите гранични премини за излез од државата. Затворени се сите гранични премини за влез во државата за странски државјани, патници и возила, освен за транзит на товарни возила, за претставници на дипломатскиот кор и тие кои што ќе добијат соодветна дозвола од страна на МВР, а по претходно добиено мислење од страна на главниот координативен штаб.