
Не се знае која е причината за смртта на битолчанецот кој вчера беше пронајден мртов
Се уште не се знае која е причината за смртта на битолчанецот кој вчера беше пронајден мртов во својот дом на улицата „Димче Лахчански“. Неофицијално сега починатиот маж на возраст од шеесетина години бил во двонеделна самоизолација откако неодмна се вратил од странство.
Тој живеел сам, па поради тоа што не одговарал на повиците на соседите, тие повикале полиција. Повикани биле и битолксите пожарникари но одбиле да влезат во станот на починатиот затоа што немале соодветна опрема. Откако вратата била обиена, соседите раскажуваат дека медицински тим облечен во скафандери заедно со полицијата влегле во станот.
Слушнавме дека умрел некој, ние сме подлаеку, не знаеме. Видовме дека излегуваат влегуваат луѓе. Видовме луѓе во бело облечени и полција, а потоа го извадија починатиот, рече една сосетка.
Неофицијално од починатиот земен е брис, за да се утврди причината за смртта.
Од битолската полицијата само потврдија дека вчера по добиена пријава интервенирале во стан на улицата „Димче Лахчански“, каде е пронајдено починато машко лице. Извршен е увид и се работи на расчистување на случајот, соопштија од СВР Битола. И од Министерството за здравство велат дека го проверуваат слуачјот.
Емилија Мисирлиевска