66 милиони евра помош за Македонија од ЕК во борбата со Ковид – 19

Земјите од Западен Балкан ќе добијат финансиска помош од ЕУ за да се справат со здравствената криза, и последиците од корона вирусот. За таа цел, ЕК ослободува 38 милиони евра, кои ќе им бидат доделени на земјите од овој регион за да се исполнат нивните барања за медицинска и заштитна опрема. За социо-економските последици ќе бидат реалоцирани 374 милиони евра. ЕУ секогаш ќе биде тука за Западниот Балкан, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Ќе им помогнеме на нашите партнери да ги покријат итните потреби на здравствените системи и за промоција на долгорочни мерки за ублажување на социо-економските последици на кризата со коронавирусот и поддршка за малите и средните претпријатија во регионот,“ напиша на твитер Оливер Вархеји

Македонија ќе добие четири милиони евра, заедно со Албанија. Босна и Херцеговина седум милиони евра, Црна Гора три милиони, Косово пет, а 15 милиони евра се наменети за Србија, каде штетата за сега е најголема, вели Европската Комисија.

Останатите средства ќе дојдат од ИПА фондовите, од каде во Македонија ќе се прелеат 62 милиони евра, кои ќе треба да ни помогнат за ублажување на економските последици од кризата , зголемување на социјалната заштита, поддршка за приватниот сектор и зајакнување на јавното здравство.

Брисел ќе ги вклучи земјите од регионот и во ЕУ иницијативи како заеднички шеми за јавни набавки за заштитна опрема, на пример како забрзување на проект со Европскиот центар за контрола и спречување на болести. Овој проект начелно требал да започне во 2021 и се однесува на зголемување на капацитетите за контрола на заразни болести, подобрување на способностите на медицинската итна помош како и развој на јавните микробиолошки лаборатории.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ