
Карантинот на Дебар и Центар Жупа се одвива без проблеми
Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, информира дебнеска МВР. Од таму информираат дека полициските службеници непречено ги реализираат патролите низ населените места, при што не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир. МВР наведува и дека успешно се одвива процесот на извлекување на лицата кои во изминативе 14 дена беа во самоизолација и кои сега го напуштаат градот.
На терен, стои во соопштението на МВР, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација, а без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.