
Каматите за компаниите ќе одат надолу, најавуваат банкарите
Ќе паѓаат каматите на кредитите за компаниите, најавуваат банкарите откако вчера Народна банка ја намали основната камата на 3 отсто. Велат дека за одредени квалитетни фирми и проекти, уште од лани почнале да ги поевтинуваат кредитите.
„Прво очекуваме дека каматните стапки ќе паднат кај кредитите за правни лица, не кај сите подеднакво, тоа, нормално, ќе зависи од квалитетот на компанијата, нејзиниот кредитен рејтинг, инвестициските проекти во кои банките веќе се или сакаат да инвестираат. Заради немање на доволно такви инвестиции, се зголемува и конкуренцијата меѓу банките, значи сите тагетираме едни те нисти квалитетни компании, па тие имаат избор на добри банки кои можат да ги следат“, вели Антонио Аргир, претседател на Управен одбор на НЛБ Банка.
Тој очекува дека оваа и идната година каматите за фирмите ќе продолжат да паѓаат.
За потегот на монетарната власт умерено да ја симне основната камата, Аргир вели дека бил очекуван, со оглед што во моментов има висока ликвидност во банкарскиот сектор, околу 15 милијарди денари на банките стојат неангажирани на сметките на НБМ. Претходно и Министерството за финансии ги намалило каматите на државните записи и обврзници. На одлуката на централната банка влијаело и стабилизирањето на политичката состојба, што според банкарите, во последниве два квартали донело зголемен интерес од фирмите да влезат во инвестиции кои претходно ги планирале, но ги одложувале, или во сосема нови. Се повеќе компании доаѓаат во банките и најавуваат вложувања за кои ќе им требаат кредити.
„Најмногу зависи од тоа дали ќе продолжи оваа политичка стабилност, па дури и да се зголеми, за да тие инвестиции реално се случат. Велам ова е позитивно, бидејќи ако споредиме со претходната година пред овие два квартали, компаниите воопшто и не зборуваа за инвестиции, ние работевме на веќе почнатите“, вели Аргир.
Каматите на кредитите за граѓаните нема да одат надолу, банкарите сметаат дека потрошувачките и станбените заеми и сега се поволни за населението.
Но, ќе мора да се намалат каматните стапки на штедните влогови, а банките први планираат да ги укинат депозитните продукти кои се на подолги рокови и нудат повисоки каматни стапки за штедачите.
Според податоците на НБМ, во моментов просечната камата на кредитите за фирмите е околу 5 отсто, а онаа за домаќинствата е над 6 проценти.
Нина Нинеска-Фиданоска