Денеска полицискиот час почнува пет часа порано

Ноќеска 94 лица не го почитувале полицискиот час. Приведени се 44 од нив, 10-мина се опоменати, а за другите следуваат пријави до Јавното обвинителство.

Од неделата, кога беше воведен полициски час, МВР откри вкупно 502 непочитувања на забраната за движење, од кои, 26 биле под 18 години а 18-мина над 67 години. Приведени се 199 лица, поднесени се 123 кривични пријави и 12 известувања за 158 сторители на 144 кривични дела.

МВР соопшти дека од понеделник ќе почне испорака на новите лични документи, односно на личните карти и на возачките дозволи на домашна адреса. Во кабините кадешто се зема отисок од прст се предвидува дезинфекција на уредот и на просторијата по секој граѓанин, а вработените во управата имаат обврска да одржуваат растојание.

Чулев најави решение и за сопствениците на милениците, кои не можат да одат на неопходната вечерна прошетка заради полицискиот час.

Министерот Чулев информираше дека издадени се вкупно илјада 620 решенија за изолација, а потпишани се над 9 илјади изјави за самоизолација. За нивно непочитување се поднесени 123 кривични пријави, од кои 5 во последните 24 часа. Оние што не ги почитуваат мерките за изолација и самоизолација ќе бидат сместени во карантин на сопствена сметка, а сторителите на кривични дела кои се заразени од корона ќе бидат спроведени во полициската станица „Гази Баба“.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ