Северна Македонија 30. членка на НАТО, на 30 март македонското знаме пред седиштето на Алијансата

Северна Македонија од вчера и официјално е 30. земја-членка на Северноатлантската алијаса, откако во вонредни околности, во услови кога светот се соочува со пандемија на Ковид-19, во Вашингтон вршителот на должност амбасадор на земјава во САД, Вилма Петковска му го предаде на помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија амбасадорот Филип Рикер, оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.

Со официјализирањето на членството Северна Македонија ја реализираше стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година.
Парламентот во 1993 усвои резолуција за членство, во 1995 година Македонија се приклучи кон програмата Партнерство за мир, Канцеларијата на НАТО беше отворена во 1997 година, кандидат станавме во 1999 година, а најблиску до НАТО бевме во 2008 година на самитот во Букурешт, но Алијансата тогаш констатира дека земјата технички е подготвена да влезе, но влезот беше попречен поради грчкото вето заради нерешениот спор за името.
Откако по речиси три децении спорот беше надминат вратата за НАТО се отвори и за нешто повеќе од една година, по потпишувањето на Протоколот на 6 февруари 2019 година, Северна Македонија вчера и официјално стана членка на најголемиот воено-политички сојуз.
Честитки пристигнаа од домашните лидери, од лидерите на САД и НАТО, а вчерашниот ден беше означен како историски.
Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг ни посака добредојде преку неговиот Твитер налог.

– Добредојде во НАТО Северна Македонија! Патот беше долг, но напорите вродија со плод. Формалниот процес на пристапување е завршен, драго ни е што 30-тата земја членка на Алијансата е со нас, објави на својот Твитер профил Столтенберг.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео преку соопштение порача дека членството во НАТО ќе доведе до подобра интеграција, демократски реформи, безбедност и стабилност во целиот регион.
– Членството на Северна Македонија исто така потврдува дека останува отворена вратата и за сите други аспиранти, кои сакаат и можат да ги остварат неопходните реформи потребни за достигање на високите стандарди на НАТО, како и да ги прифатат одговорностите и бенефициите од членството, истакна тој.

Церемонијата за подигање на знамето на Северна Македонија пред седиштето на НАТО ќе се одржи на 30 март годинава во присуство на Јенс Столтенберг, претседателот на Воениот комитет на НАТО воздухопловниот маршал сер Стјуарт Пич и Зоран Тодоров од делгацијата на нашата земја во НАТО. Знамето на Северна Македонија ќе биде истовремено подигнато и пред седиштето на Заедничката команда во Монс, Белгија и Сојузничката команда во Норфолк во САД.

Финализирањето на процесот беше овозможено откако Шпанија во вонредни околности во услови на пандемија, како последна членка го ратификуваше Протоколот. Сенатот на Шпанија на 18 март на пленарна седница без физичко присуство на сенаторите, поради состојбата со коронавирусот го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, по што и шпанскиот крал Фелипе Шести го потпиша документот. Протоколот за пристапување во НАТО за девет месеци го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а ратификацијата во шпанскиот Парламент се оддолжи поради изборите во Шпанија минатата година. Собранието на Република Северна Македонија на 11 февруари со 114 гласа „за“ го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Законот беше донесен со одложено дејство и се чекаше ратификацијата во Шпанија.
Зголемена безбедност, согласно основниот принцип на кој почива Алијансата „еден за сите, сите за еден“ е една од најголемите придобивки кои се очекуваат од влезот на земјава во НАТО. Поголемата стабилност ќе привлече и повеќе инвестиции, членството не е гранција за тоа, но сепак постои некоја корелација меѓу тие две појави. Северна Македонија ќе треба постепено да ги зголемува буџетските трошоци за одбраната, а по примерот на другите земји ќе може да очекува и раст на странските директни инвестиции, пред се поради зголемената стабилност.

Во пресрет на родендескиот самитот во Лондон, кон крајот на минатата година Столтенберг, се пофали со раст на трошоците за одбрана во сите земји членки на НАТО и сѐ поголем број на земји кои ја исполнуваат обврската да одвојат два отсто БДП за воената одбрана. Земјите членки на Алијансата во 2014 се обврзаа дека до 2024 сите ќе ја исполнат оваа обврска, во 2019. девет од нив ја постигнаа стапката, додека трошоците за одбрана растат пет години по ред.
На маргините на Самитот во Лондон, Зоран Заев тогаш како премиер на конференцијата „НАТО се ангажира“, се заложи за постигнување на стапката од два отсто пред 2024. Тој потсети дека земјата речиси ја дуплираше оваа стапка за три години, од 0,9 отсто во 2017, таа ќе постигне 1,4 отсто во 2020. Важно е да се напомене дека Северна Македонија во 2007 одвојуваше стапка од 2,7 отсто во 2007. Притоа, за овие три години, Северна Македонија посветува 23 отсто од тие средства за модернизацијата на воените сили, што е исто така дел од заложбите на земјите сојузнички од 2014-та.
А котизацијата за членство земјава годишно ќе ја чини 1,2 милиони евра. Ова го најави министерката за обрана Шекеринска уште минатата година, на денот на потпишувањето на Протоколот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ