Села ќе бара одговорност за вчерашното гласање

Пратениците Мухиќ од СДСМ, Гaши од БЕСА и Зијадин Села уште на почетокот на продолжението на 35 собраниска седница процедурално се обратија со реакција зошто не се регистрирани дека вчера гласале за Законот за јазици.

„Го притиснав копчето, не знам како, остана нерегистрирано. Апсолутно сум гласал, како и што се гледа при гласањето на немнозинските пратеници дека сум кренал рака, рече Мухиќ. Многу погласен во изразувањето на револтот беше Села. Најави дека ќе побара одговорност, бидејќи како што рече, ништо не е случајно.

Во слична насока зборуваше и Африм Гаши. Посчи дека неговата партија многу пати досега го подржала законот за употреба на јазиците, па оттука како што посочи, вољјата на еден пратеник не може да се искриви преку едно гласање.

Претседателот на Собранието Талат Џафери му одговори дека е можно да изминало времето за гласање, бидејќи, како што кажа, во моментот на гласање, технички не може никој да влијае.

Ивана Туфегџиќ од СДСМ не сакаше да ги коментира причините зошто вчера не гласала за законот. Потсетува дека му дала подршка во првото и второто читање.

„Јас моето мислење и подршка во однос на Законот за јазици гo искажував и на говорница и со две гласања. На вчерашната седница се изјаснив и не чувствувам потреба дополнително да коментирам“, вели таа.

Тања Ковачев од СДСМ која исто така беше на лиситингот меѓу оние кои не гласале, рече дека го подржува и претпладнето била да гласа, но веќе по неколку часа морала да замине бидејќи е на породилно отсуство. Лилјана Поповска која заедно со својата колешка Маја Морачанин не гласа за законот беше недостапна за нас.

Сања Јовановиќ Дамјановска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ