Закон донесен во лоша процедура мора да се најде пред Уставен суд, советуваат правниците

Закон донесен во лоша процедура, како што беше вчерашното донесување на Законот за употреба на јазиците, мора да заврши пред Уставниот суд, смета Мирјана Лазарова Трајковска, судија во Судот за човекови права во Стразбур. На овој закон, вели, мора да му се даде шанса, да му биде оценета, не само уставноста, туку и постапката во која беше донесен.

Законот, вели Лазарова, мора да стигне до Уставниот суд и од причина што немаше можност да го добие мислењето на Венецијанската комисија. Потенцира дека, законите таму се испраќаат кога се во нацрт-верзија, за да се даде оценка на пропустите и слабостите, а испраќањето во оваа фаза, е задоцнето. Што се однесува до најавата на претседателот Иванов дека нема да го потпише указот, вели дека овде не се разботи за желба, туку за должност, а тој е должен да го потпише кога законот ќе биде по втор пат изгласан во Собранието. Рокот е пропишан во Законот за Собрание и е седум дена од изгласувањето. И судијата Маргарита Цаца Николовска вели дека, ако некој смета дека има пропусти, законот треба да се најде пред Уставен суд, но уставните судии можат и сами да покренат постапка за оценување.

Уставниот судија Осман Кадриу не сакаше да даде оценка дали донесениот Закон за употреба на јазиците е уставен или не, за, како што рече, да не прејудицира евентуална одлука на судот доколку до него стаса иницијатива за оценување на уставноста. Смета дека во законите има решение и во случај Иванов да не го потпише законот.

Во досегашната уставно-правна пракса на независна Македонија, не постои ниту еден случај закон да биде објавен во службен весник и да почне да се применува без потпис од шефот на државата. Претседателите Борис Трајковски и Киро Глигоров и по вторпат одбиле да потпишат закони, како Законот за пратеници и Законот за кривична постапка, по што тие никогаш не стапиле на сила. Но, тогаш не бил донесен Законот за Собрание, што сега, според правниците, го обврзува Иванов да го потпише Законот за употреба на јазиците.

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ