ГОБ „8-ми септември“ е подготвена за пациентите со Ковид-19, во поликлиниките веќе се тестираат луѓе

Најголемата здравствена установа за болничко лекување на ниво на секундарна здравствена заштита во Скопје, Градската болница „Осми септември“ е целосно на располагање за да прими пациенти со Ковид-19. Направено е нешто налик „болница внатре во болницата“ за Телма изјави директорот Христијан Костов.

Подготвен е тријажен центар со тројца медицински лица внатре опремени со скафандери и целосна заштитна опрема. Нема мешање на пациентите внатре во болницата и отстранета е опасноста заболен од Корона слободно да се шета во болничките ходници.

Вкупно суспектни за коронавирус се околу петнаесет пациенти, меѓутоа добиените резултати покажаа дека ниту еден не е позитивен. Овде во нашиот тријажен центар се пренасочуваат пациенти коишто се суспектни, од суспектните подрачја за Ковид-19 или доколку се позитивни на коронавирусот, а на коишто им е потребен инвазивен медицински третман, кажа Христијан Костов – Директор на ГОБ „8-ми септември“.

Болницата е целосно подготвена и ставена е на располагање на здравствениот систем ако нагло порасне бројот на новозаболени со Корона. Во тој случај целосниот капацитет на „Осми септември“ ќе биде искористен за лекување на Ковид-19 информира директорот Костов.

Тој вели дека имаат заштитна опрема доволно – како маски, ракавици и скафандери. Но, смета потребно е да имаат уште повеќе бидејќи здравствените работници коишто се на првата борбена линија мора да бидат најбезбедни и во служба на луѓето.

Според одлуката од Министерството за здравство и Комисијата, за третман на пациентите со Ковид-19 направена е внатрешна реорганизација на целокупниот простор на болницата како и на медицинскиот персонал во смисла на работното време, направена е организација на работни групи на персонал и реорганизација на целокупната апаратура и медицински потрошен персонал и лекарства, кажа Христијан Костов – Директор на ГОБ „8-ми септември“.

Во време кога се уште се очекува да се достигне пикот на заболени, поликлиниките вршат тестирање. Се тестира во „Јане Сандански“ во Аеродром, како и во Ченто. Од понеделник, ќе се тестира и во чаирската поликлиника.

Ќе почне со работа од понеделник, од осум до 14 часот. Ќе работат екипи од центарот за јавно здравје. Пунктот е добро опремен, има три простории. Шалтер за прием на пациенти, соба за земање материјали и соба за евентуална изолација, кажа Сељадин Мемети, раководител на организациона единица во поликлиника Чаир.

Во пунктот за тестирање се влегува преку посебен влез и исклучена е можноста да дојде до контакт со други лица во установата. Во меѓувреме, веќе 154 тестови се направени во Јане Сандански и во Ченто.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ