Уредбата на Дескоска без поддршка од ДУИ, а Заев вели партиите сами да одлучат

Партиите треба сами да одлучат дали ќе се согласат годинава да не добијат пари од буџетот. Ова е одговорот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на нашето прашање, дали ќе ги повика ДУИ да го поддржат предлогот на министерката за правда, годинава да не се исплатат парите кои им следуваат со закон на партиите.

Предлогот, со уредба со законска сила, годинава да се укинат парите за партиите, пред два дена министерката Дескоска го објави на фејсбук. Коалиционите партнери  ДУИ не одговорија на нашето прашање дали ќе го поддржат, но за Плусинфо велат дека е несериозно, во многу сериозна ситуација да се најавуваат мерки на Фејсбук или од партиско седиште, без консултации и каква било анализа.

Од ВМРО ДПМНЕ најавија дека ќе дадат поддршка само доколку претходно сите 26 министри, заменици, генерални секретари  и други именувани лица, се согласат да работат бесплатно до крајот на мандатот. Пресметале дека, доколку сите се откажат од платите кои се движат меѓу 70 и 90 илјади денари, како и од сите останати привилегии, ќе се заштеди огромна сума.

Политичките партии, добиваат 0,15 отсто од државниот Буџет. Во конкретни бројки, тоа се од 4,5 милиони до 5 милиони евра, како и 280 милиони евра за центрите за комуникација.

Минатата година, пари од буџетот добија вкупно 39 партии.Најголем дел од колачот добија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија доби 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е ДУИ со 441.000 евра, а далеку зад нив се БЕСА со 255.000 евра. Алијанса на Албанците добиле 245.000 евра.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ