
Казни од илјадници евра за непочитување на мерките
Во последните четири дена, шесте инспекторати направиле над 11 илјади надзори. Меѓу другото, се проверува дали цените на лебот, брашното, зејтинот, млекото, јајцата и другите основните прехранбени артикли се исти како на 11-ти март, во согласност со одлуката на Владата.
Од Пазарниот инспекторат потсетуваат дека казните се 8 илјади евра за правното и 2 илјади 400 евра за одговорното лице. Бараат и почитување на одлуката за иста маржа кај лимоните, портокалите и другото јужно овошје.
Трудовата инспекција соопшти дека од почетокот на кризата до сега има над 500 пријави за работодавци кои не дозволуваат родителите на деца до 10 години да останат дома.
Затворени се 21 угостителски објект во Скопје, Куманово, Битола, Кочани, Гостивар и Струга. Државниот санитарен и здравствен инспекторат издал над 5 илјади дозволи за влез на професионални возачи на товарни возила. Тие се неопходни за непречено снабдување на државата со неопходните стоки под посебен протоколарен режим, информираше Инспекцискиот совет.
Соња Николова