
Охрид, Штип, Кочани, Битола, Куманово – казни за граѓани кои не се самоизолирале
Основното јавно обвинителство Охрид поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно лице на возраст од 61 година, жител на Охрид кој го сторил кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
На обвинетиот на 19 март му била издадено решение од Министерството за здравство – Државен санитарен и здравствен инспекторат со цел навремено преземање на посебните противепидемиски мерки за заштита на населението од ширење на опасната болест предизвикана од коронавирусот. Тој имал претходен контакт со лице заболено од COVID 19, па бил ставен под здравствен надзор во период од 14 дена со обврска да биде во домашна изолација поради опасност од натамошно ширење на болеста. Но, на 21 март обвинетиот излегол од домот и се упатил во непознат правец.
Со Предлогот за издавање казнен налог, јавниот обвинител побара од судот на обвинетиот да му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби при што секоја глоба да е во висина од 20 евра во денарска противвредност.
Обвинетиот на 17 март влегол преку Меѓународниот аеродром Скопје во Република Северна Македонија од Кралството Шпанија при што со писмена наредба бил упатен на препораките за заштита од заразна болест COVID 19 и потпишал Изјава за самоизолација. Но истиот ден го напуштил својот дом каде требало да ја изврши должноста за самоизолација и отишол во општина Штип.
Со тоа, лицето го сторило кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик. За стореното кривично дело, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип до Основниот суд во Штип поднесе Предлог за издавање казнен налог против обвинетото лице со предлог судот да изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби при што секоја глоба да е во висина од 30 евра во денарска противвредност.
Основното јавно обвинителство Кочани поднесе Предлог за издавање казнен налог за лице кое го сторило кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
За време на пандемија прогласена од Светската здравствена организација, не постапил согласно прописите, мерките и наредбите за сузбивање и спречување на заразната болест COVID 19 донесени од надлежните органи. Обвинетиот на 16 март се вратил од земја со висок ризик од зараза, при што на граничниот премин кон Република Северна Македонија бил запознаен со обврската за самоизолација за која потпишал и изјава. Но, на 18 март го напуштил домот и дошол во ОВР Кочани.
Поради стореното кривично дело, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани на судот му предложи на обвинетиот да му изрече парична казна во висина на 100 дневни глоби од по 20 евра во денарска противвредност.
Основното јавно обвинителство Битола поднесе Предлог за издавање казнен налог против три лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите, двајца сопружници од Битола на возраст од 43 и 40 години, заедно со нивното малолетно дете на возраст од 17 години и уште едно лице од Скопје на возраст од 18 години со престојувалиште во Битола на иста адреса со семејството, биле должни во периодот од 14.03.2020 до 28.03.2020 година да бидат во домашна самоизолација и да не го напуштаат своето живеалиште/престојувалиште, бидејќи допатувале од Италија преку Грција.
Но, тие не постапиле според прописите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на епидемија на заразната болест предизвикана од коронавирус COVID-19 и на 19.03.2020 година го напуштиле домот.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот суд Битола на трите полнолетни лица да им определи парична казна во висина од по 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од 40 евра.
За малолетното дете, пак, до судијата за деца при Основниот суд Битола е поднесено Барање за поведување подготвителна постапка.
Основното јавно обвинителство – Куманово до Основниот суд во Куманово достави предлози за издавање на казнен налог за три лица што сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите во одделни кривично правни настани не ги почитувале мерките за спречување или сузбивање на опасна заразна болест – коронавирус COVID 19 и не постапиле по определените прописи и упатства за сузбивање и спречување на заразна болест.
Двајца од обвинетите пристигнале во земјава од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките биле должни во период од 14 дена да не го напуштаат престојувалиштето што го пријавиле како место каде ќе ја спроведат задолжителната самоизолација. При вршење на контрола од страна на полициските службеници тие не биле затекнати во нивните престојувалишта. Додека третиот обвинет, сопственик на угостителски објект, спротивно на член 1 точка 9 од Одлуката со која се забранува работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортски обложувалници, го отворил својот угостителски објект и примил и послужил гостин што бил затечен при извршената контрола од страна на службеници од Државниот пазарен инспекторат и СВР Куманово.
Постапувајќи спротивно на мерките за спречување на внесување и ширење на корона вирусот, обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар за што обвинителството побара изрекување на парична казна во висина од по 100 дневни глоби или вкупно по 2000 евра во денарска противвредност за секој обвинет .