
Законот за јазици донесен во тензична атмосфера
Во тензична атмосфера, 64 пратеници од владеачкото мнозинство, од кои 24 од помалите заедници, го донесоа Законот за јазиците. Состојбата ескалираше кога спикерот Талат Џафери ја отвори точката и веднаш го стави законот на гласање без било какво образложение во однос на 35-те илјади амандмани поднесени од ВМРО ДПМНЕ. Опозициската партија остро реагираше со гласни извици и собирање, а најгласен беше екс премиерот Груевски. Тој му го тргна микрофонот на Џафери, му истури вода врз актите, му ја одзеде картичката и се обиде да го спречи да ја напушти салата. Со брзата интервенција на обезбедувањето спречена е физичка пресметка.
Џафери вели дека нема да преземе никакви мерки кон Груевски поради ваквото однесување, но тој нема да дозволи повторување на 24 декември и на 27 април. Објасни дека за уставноста на законот по неговото донесување се грижи Уставниот суд, а за време на собраниската постапка – Законодавно правната комисија, која веќе го оценила како уставен. Посочи според кој член на Деловникот му дозволува да не отвори амандманска расправа.
ВМРО ДПМНЕ најави кривична пријава за Џафери и иницијатива пред Уставниот суд за овој, како што велат, неуставен, штетен и неприменлив закон. Лидерот Христијан Мицкоски вели дека партијата ќе остане во разговорите за реформските закони иако некој со ова сценарио се обидел да ги избрка оттаму. Инцидентот што го предизвика Груевски го нарече емотивна реакција.
Шефот на државата Ѓорге Иванов има право само еднаш да го врати Законот. Овој пат, тој ќе мора да го потпише указот. Законот ќе влезе во правниот систем по објавувањето во Службен весник.
Соња Николовска