
Прва жртва од Ковид 19 во земјава, почина па се откри дека била заразена
Имала два негативни тестови на корона вирус, почина, но третиот тест по смртта излегол позитивен.
Мистериозната смрт на 57 годишната кумановчанка денеска ги изненади и докторите и министерот за зравство.
Жената е и прва жртва од Ковид 19 во земјава, а според непотврдени податоци можно е да е поврзана со патување во странство.
Според министерот Филипче ова е нетипично за овој вирус но и за било кој друг, но вели има и такви сценарија.
Болен е и нејзиниот 33 годишен син кој е префрлен на инфективната клиника. И двајцата претходно биле лекувани во изолираното одделение во кумановската болница.
Инаку денеска земјава бележи најголем број на заболени од стартот на корона кризата, 29, а вкупната бројка се искачи на 114.
На инфективно се 24 пациенти, 7 од нив се на кислород а 11 добра здравствена состојба. Утре, по истекот на 14 дена од поставување дијагноза, кај 6 од нив ќе се зема брис дали се уште го имаат вирусот. Жената од Дебар се уште е на респиратор. Поради зачестеното непочитување на препораките за седење дома, министерот ќе побара движењето на луѓето над 65 години да биде ограничено до 10 часот наутро.
Иста мерка ќе биде побарана и за оние кои се под 18 години.
Инаку од утре ќе започнат да функционираат и 14 пунктови за пријавување на луѓе кои се сомневаат дека го имаат вирусот.
Ќе се тестираат граѓани 50 по епидемиолошки индикации и 120 со закажување по претходна најава кај матичниот лекар, а секој треба да пополни формулар кој ќе биде пресуден дали ќе биде тестиран или не.
Билјана Николовска