Три нови случаи, Штип трет град по заболени

Три нови слуачи на заболени од корона вирусот во Штип. Станува збор за две возрасни лица и едно дете, а се тестирани откако се вратени од зимување во една соседна земја.  Бројката  со новозаболените се искачи на седум, со што Штип стана третиот град по бројот на регистрирани слуачи од Ковид 19. Карактеристично е што Штип ги има двата најмали пациенти, остантите се нивните баби и дедовци и мајката на четиригодишното девојче. За новите три случаи во задолжителна самоизолација се ставени и останатите членови од потесното семејство, но и лица со кои имале индиректен контакт. Иако дел од семејството е тестирано и резултатите се негативни, сепак во самоизолација ќе останат до средината на неделава, кога ќе им се направат дополнителни тестови.Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој го раководи кризниот штаб вели дека од утринава се прави дезинфекција на сите детски игралишта, низ населбите и пред здравствените ординации, каде што има поголема фреквенција на луѓе.

-Од страна на Центарот за јавно здравје побарано е да се постави пункт, каде што граѓаните ќе можат да оставаат брисеви за тестирање. Планирано е пунктот да се постави на задниот влез на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“-Штип, вели Бочварски.

Тој истакна дека во текот на утрешниот ден кризниот штаб ќе има состанок, на којшто ќе се донесат и дополнителни мерки за заштита на населението. Инаку денеска во штипјани го слават празникот Чет’ рсе, но оваа година по своите домови. Полициски пунктови има на влезовите и излезите кон тврдината Исар уште од раните утрински часови. Во моментов во Штип 180 граѓани  се во самоизолација, бројката се зголемува од час во час, а со решение под посебен надзор се 15 лица.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ