Новинарскиот синдикат ги осуди заканите кон Лупевска и ТВ Телма

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници – ССНМ, денеска изрази најостра осуда и протест поради директните закани кон новинарката Снежана Лупевска Созен и телевизија Телма  искажани вчера за време на интервјуто на „Топ тема“ од страна на сопственикот на ИГМ Трејд, Илија Гечев.

Јавната закана дека Лупевска ќе биде повеќекратно тужена, со ангажирање на „најдобри и скапи“ адвокати не е многу поинаква од закана за физичка пресметка, се наведува во реакцијата на ССНМ. Според новинарскиот синдикат, методите можеби се разликуваат во зависност од позицијата, воспитувањето и економската моќ на заканувачот, но целта е иста – да се замолчи новинарот и  да се обесхрабри раководството на медиумот да протежира истражување на прашање од јавен интерес

Од таму наведуваат дека користењето тужби како закана и притисок врз новинарите и медиумите во кои тие работат е постојано посочувано како проблем од страна на новинарската заедница, а сега јавноста имаше можност во живо да се увери на каков третман се изложени новинарските екипи кога истражуваат случаи во кои се инволвирани лица кои се доживуваат, а и де факто имаат третман на моќници.

ССНМ во реакцијата јавно побара од Стопанската комора на Македонија да организира обуки на своите членки каде тие ќе бидат дополнително едуцирани за слободата на изразување, општествената одговорност и јавниот интерес, бидејќи се покажува дека чувството за јавен интерес и општествената одговорност се право пропорционални со  моќта. Според синдикатот само на тој начин новинарите ќе можат без притисоци и закани да ја извршуваат својата работа, а компаниите да го задржат својот интегритет и да научат да се носат со општествената одговорност.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ