Телма со волонтерите од битолскиот Црвен крст

Ова се тимовите волонтери на Црвениот крст од Битола, кои ги прават последните подготовки пред да заминат на терен. Заштитени со соодветна опрема, најпрво се упатуваат во домот на лицата кои побарале услуга, а потоа по утврдена процедура, вршат набавка на храна, лекови и други продукти и ги доставуваат до нивните домови. На отворената телфонска линија во Црвениот крст просечно дневно се јавуваат по 7 лица на кои им потребна нивната услуга.

Ни потпишуваат изјава, ни даваат пари, ние набавуваме, вршиме достава до нивните домови со цел старите, болните и изнемоштени да останат дома, затоа што тие се најризчната група која ги напаѓа вирусот Ковид-19, вели  Христијан Крстевски, волонтер на Црвен крст Битола.

Но, и покрај тоа што се во најризичната група, највозрасните најмалку ги почитуваат мерките и препораките на надлежните. Велат не слушнале дека волонтерите на Црвениот крст можат да им набават се она што им е потребно.

Шеткаме секој ден, не се доседува дома. Ќе излеземе вака малку муабет, па ќе си одиме, велат граѓаните.

Црвениот крст засега располага со три тима волонтери во Битола кои ротираат во текот на денот.

Сите наши активности се за луѓето да останат дома, да го спречиме ширење на оваа епидемија. Ве молам останете дома, вели д-р Лилјана Ристевска, претседател на ОО на Црвен Крст Битола.

Засега капацитетот на Црвениот Крст во Битола ги задоволува потребите на граѓаните. Но, од таму апелираат сите кои се заинтересирани да се приклучат на тимот волонтери, можат  електронски да се пријават  во нивната организација, па долку има потреба, по соодветна обука ќе бидат вклучени во теренските активности.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ