
НБРМ: Граѓаните може да побараат, а банките сами ќе проценуваат на кого ќе му ги одложат ратите за кредитите
Народната банка попладнево донесе регулаторни измени со кои им порача на банките сами да одлучуваат за кои граѓани и фирми ќе се дозволат одложено плаќање на ратите за кредитите до крај на септември годинава. Граѓаните треба да побараат, а банките ќе прават проценка во зависност од потребата и финансиската способност на секој клиент поединечно.
„Со донесените измени им се дава дополнителен регулаторен простор на банките и штедилниците да им понудат поповолни договорни услови за постојните кредити на оние кредитокорисници – физички и правни лица, кои пред 29 февруари 2020 година немале проблем со отплатата, односно нивните кредити не биле класифицирани како нефункционални, а во претстојниот период би можело да се соочат со реални потешкотии во подмирувањето на своите обврски.“- соопшти НБРМ.
Од Централната банка појаснуваат дека поповолните услови може да значат привремено одлагање на обврската за плаќање (грејс период), пролонгирање на рокот на достасување, пониска каматна стапка, одобрување нов поповолен кредит за затворање на постоечкиот и слично, со што се овозможува намалување на тековниот товар на граѓаните и компаниите во справувањето со негативните притисоци од пандемијата.
Со измените банките имаат обврска за нефункционални побарарувања да ги сметаат тие кои не се платени за 150 денови, наместо како до сега до 90 денови.
Во моментов се утврдува и процедура за комуникацијата на клиентите со банките за промената на договорите за кредитите.