За килограм лимон и до 200 денари – увозниците велат критични се цените и на другото јужно овошје

Килограм лимон чини и до двесте денари за граѓаните кои пазарат во некои од маркетите. Главно на социјалните мрежи реагираат дека некој сака да профитира во ваква состојба. До пред само еден ден, истата количина можеше да се набави за помалку од сто денари.

Од еден од поголемите складови за увоз на овошје и зеленчук во земјава за Телма брифираат дека пораснала увозната цена, транспортните трошоци и царината. Велат дека со затворањето на границите, камионите едвај стигнуваат во земјава.

Ваквата ситуација ги погоди сите претприемачи кои работат во тој бизнис, вели еден од сопствениците на мини-маркетите во Скопје.

Граѓаните во овие денови и самите забележале на рафтовите и по тезгите дека цените растат. Пред камерата на Телма некои од нив кажаа дека се сомневаат дека има профитери во ваква ситуација.

Од Државниот пазарен инспекторат уверуваат дека постојано се на терен и ја следат состојбата на пазарот. Проблемите во време кога вирусот Корона коси најмногу во Европа, секојдневно се се поголеми за овој тип на бизнис. Каде што има зголемување на цените – ќе бидат вратени старите, уверува првиот човек на ДПИ.

Лимонот во Турција се покачил на 1,5 евра, транспортот им го покачиле од 1.200 на 1.400 евра, царината е висока. Има и такви на кои во трговските книги им стои 100 денари, а го продаваат 200 денари и тие ги казнуваме. Имало денаска на две три места, но рекле дека ќе ги вратат цените назад. кажа Стојко Пауновски, директор на Државен пазарен инспекторат.

Директорот Пауновски за Телма информира дека се прават планови и се водат разговори со министерствата за економија и финансии, како и Царинската управа – да се донесе одлука на Влада за укинување на царината за увоз на јужно овошје.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ