
Владата ќе им помага на компаниите со 6 милиони евра
Владата го подготви првичниот пакет мерки за помош на најзагрозените сектори, како туризмот, угостителството и транспортот, кои се први на удар од епидемијата на коронавирусот . Станува збор за помош од 5,7 милиони евра за полесно справување со последиците кои ќе бидат достапни преку Развојната банка на Република Северна Македонија. Кредитите се бескаматни а грејс-периодот ќе биде шест месеци, а рокот на отплата две години.
Во зависност од бројот на вработени, секоја компанија ќе може да добие од три илјади до 30 илјади евра. Така, микрокомпаниите кои имаат до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од три до пет илјади евра, за малите компании со 10 до 50 вработени кредитот е во износ од од 10 до 15 илјади евра а средните компании со 50 до 250 вработени ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра.
Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите за исплатата на плати и зачувување на секое работно место а Владата ќе субвенционира придонеси по вработен во висина до 50 отсто од просечна плата исплатена во 2019 година во секторите туризам, транспорт, за месеците април, мај и јуни од 2020 година.
Намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75 отсто треба да придонесе за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението.
„Ликвидноста на компаниите треба да ја помогне и ослободувањето од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од коронакризата за април, мај и јуни. Во вакво време чесно е државата да се откаже од претплаќање на дел од данокот од погодените компании. Тука најпрво спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од превентивните мерки на Владата како одговор на справувањето со страшниот вирус. Законски затезната камата ќе биде намалена за 50 отсто во соработка со Министерството за правда, а се намалува и казнената камата за јавни давачки од 0,03 отсто на 0,015 отсто односно за 50 отсто. На провајдерите за одржување на фискалните каси им се препорачува намалување на цените за одржување за 50 процент“, информираа од Кабинетот на вицепремиерката за економски прашања.
Владата веќе донесе одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи – на леб, сол, масло, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезифекциски сретства со состојба на денот на прогласување на пандемијата на СЗО, освен оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.
Исто така, целосно се ослободуваат од царинските давачки за производите од брашно и пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни и марамчиња, рачни капи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, средства за дезинфекција, медицински алкохол, заштитни очила.