Вечерва се затвора скопскиот аеродром, патниците ќе се праќаат во изолација, а по потреба и во карантин

Според истакнатиот распоред за полетување и слетување на аеродромот во Скопје, од попладнево до затворањето на аеродромот по полноќ, ќе слетаат само 7 авиони.  Еден авион од Баден, –Германија и  2 од Цирих-Швајцарија. Уште 2 авиони од германските градови Фридрихшафен и Меминген треба да слетаат вечерва и 1 од Турку- Финска.

Последниот авион пред затворањето на аеродромот треба да слета 5 минути пред полноќ од Базел-Швајцарија. Поради воведените превентивни мерки против корона вирусот, од Министерството за здравство велат дека по епидемиолошкиот надзор на патниците, во зависност од нивната состојба и проценка на епидемиолозите, тие ќе бидат праќани во домашна изолација, каде редовно ќе се следи нивната состојба и ако има потреба ќе бидат ставени во карантин.

А, на граничниот премин Деве Баир во текот на вчерашниот и денешниот ден влегле вкупно 300 наши државјани и сите потпишале изјава за самоизолација, велат од полициската станица за гранична проверка и граничен надзор, при Регионалниот центар- Исток.

Како што информира Министерството за одбрана, денеска во реновиран објект со капацитет од 54 лица, близу Заводот во Демир Капија, ќе биде пренесена групата музичари која пристигна од странство и вчера привремено беше сместена во Центарот за обуки- Пепелиште на Криволак.

Нивното преместување е резултат на незадоволството што го изразија преку видео , поради хигиената и дотраеноста на објектот.

Музичарите гласно негодуваа за условите за сместување , коментирајќи дека не се инфицирани со корона вирусот, но дека таму може да се разболат.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ