
Владата предложи прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава
Владата одлучи да предложи прогласување вонредна состојба на тероторијата на целата држава, сега и веднаш, соопшти техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Мерките до сега ги дадоа очекуваните резултати но сега е потребно да се надополнат, да се заострат за да спречиме колку што е можно поголем пик на коронавирусот. Убедени сме дека таквата ескалација можеме да ја спречиме со воведдувањето на вонредната состојба. Заканата од ширење на коронавирусот бара радикални мерки, порача Спасовски.
Донесена е одлука да му се предложи на Собранието да прогласи вонредна состојба, кое што е распуштено но претседателот има уставна можност да ја прогласи место законодавниот дом.
Ова е прв пат во историјата на земјата да се воведе ваква мерка а Спасовски порача дека тоа било и една од најтешките одлуки кои што ги донела било која влада од 1990 година до денеска.
Потребно е секој од нас да се прилагоди, секој еден граѓанин е повикан во оваа битка, ако сакаме да си ја заштитиме нацијата сите мораме да се однесуваме одговорно. Сега е време да се справуваме исклучиво со вирусот и со ништо друго, рече Спасовски.