И покрај апелите над илјада граѓани ја напуштиле државата во последните 24 часа

1.331 македонски државјанин од вчера до денес напладне ја напуштиле Македонија преку некој од граничните премини и покрај апелите на надлежните да не се патува во странство. Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на социјалната мрежа „Фејсбук“, уште еднаш повика граѓаните да се воздржат од патување во странство бидејќи речиси сите аеродроми се затворени, граничните премини не пропуштаат странски државјани, а стотици македонски државјани се загалвени во десетици земји обидувајќи се да се вратат дома.

„Синоќа апелирав да се воздржиме од патувања во странство. Од вчера на пладне до рано утрово, бројот на македонски граѓани кои заминале од земјата е 1331. Не сакам да навлегувам во мотивите. Можеби сите овие патувања биле нужни. Но, чувствувам должност да предупредам на алармантната состојба насекаде. Имам впечаток како недоволно да е јасна ситуацијата во регионот, во Европа и во светот.Државите спуштаат рампи постојано, се затвораат аеродроми, се менуваат граничните режими, се забранува влез на странски државјани, се менуваат правилата на секои неколку часа.Имаме граѓани по разни аеродроми, со откажани летови, со откажан бординг бидејќи земјата на дестинација одлучила да дозволи влез само за своите државјани. Имаме луѓе со коли во колони во Словенија, во Австрија, во Хрватска … Пуштаме дипломатски ноти со лични податоци на нашите граѓани врз основа на нивните телефонски разговори со кризниот тим во МНР. Некои конзуларни барања успеваат, некои не. Ние имаме контрола само врз своите, македонските граници. Ние не ги контролираме границите на други држави“, напиша Димитров.

Тој нагласи дека Владата и никој од надлежните во државата не може да гарантира дека ќе обезбеди сигурен премин и враѓање назад во Македонија.
„Во услови на ваква огромна глобална криза предизвикана од пандемијата на вирусот, со целосна непредвидливост на дневна основа, ние апсолутно не можеме да гарантираме дека ќе можете да си дојдете дома тогаш кога сте планирале.Истовремено, секое патување драстично го зголемува ризикот по здравјето не само за вас и за вашето семејство, туку за целата нација“, предупреди Димитров.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ