
Авион од Брисел слетал со патници со симптоми на корона
Со нови 8 заболени или третина од вчерашната вкупна бројка заразени, денешниот ден го урна македонскиот корона рекорд. 4 нови болни се медицинските лица од Дебар, но 4 нови случаи се две брачни двојки од Скопје. Првиот пар се сопружници кои биле во Бугарија, а по враќањето биле во самоизолација. Втората брачна двојка имала гости од Србија, утрово беше потврден мажот, а попладнево и сопругата.
Филипче тврди дека сите нивни контакти се лоцирани, без да прецизира дали навистина заболениот маж кој седум дена имал симптоми одел и во сопствениот производен погон.
Авион кој слетал од Брисел попладнево, донел и неколку патници кои имале симптоми и останатите чекале на аеродром додека се проверат сомнителните случаи.
Според информациите на Телма, станува збор за 7 патници кои уште во текот на летот се пријавиле дека чувствуваат симптоми. Во тек се тестирања.
За сите останати патници е направен првичен протокол за самоизолација.
Прогнозите за текот на епидемијата на Филипче се дека Македонија е можно да стигне до вкупно две илјади заболени до крај на корона епидемијата во државата, а врвот на епидемијата да стигне за еден месец.
Желбата е со мерките да се стигне до епидемиската кулминација без остар раст на бројот на заболените. Тестирања не се прават постојано заради прецизност, објаснува Филипче.
Откако бројката заразени се зголеми на вкупно 32-ца од кои првата пациентка е излечена, денеска стигнаа и првите заболени во белите мантили.
Министерот ја потенцираше пожртвуваноста на сите медицински лица кои даваат огромен придонес во битката против короната и уште еднаш повтори- граѓаните да седат дома, да ги следат мерките и така да помогнат и да ја намалат можноста од ширење на вирусот.
Миомир Серафиновиќ