
Нови пет пациенти позитивни на коронавирусот, се затвораат сите гранични премини и аеродромот во Скопје
Кај пет лица денеска е потврдено присуство на коронавирусот, а уште две лица се дијагностицирани во лабораторија на Клиниката „Жан Митрев“ и тие дополнително треба да се потврдат во текот на утрешниот ден во лабораторијата во Институтот за јавно здравје. Ова вечерва го истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.
– Позитивни се четири лица од Дебар и една 54-годишна пациентка од Скопје која беше прегледана на Инфективната клиника која се вратила од Холандија ноќта меѓу 12 и 13 март. Развила симптоми еден ден претходно и денеска се јавила на преглед на Клиниката. Најдени се сите контакти од семејството, таа била во домашна самоизолација, контактирани се членовите на фамилијата, возачот на таксито кој ја возел од аеродром до дома, а во овој момент се контактираат 31 лице кои се вратиле со авионот кој пристигнал од Виена. Таа е со лесна клиничка слика и веќе се хоспитализирана. Со ова бројката на хоспитализирани на Клиниката е 14, рече Филипче.
Посочи дека изутрината биле тестирани седум лица, негативни се резултатите на три лица од Дебар кои биле контакт на заболените, на двете лица чии брисеви стигнаа од Центарот за јавно здравје во Штип и едното лице на Инфективната клиника во Скопје.
– Попладнето се тестирани уште десет други лица, седум од Дебар, од кои четири со симптоми кои биле во контакт со заболените, тројца кои беа избрани по малку поширока индикација се негативни и тројца други од Центарот за јавно здравје од Прилеп, еден од Инфективната клиника и еден од Инфективното одделение во Градската општа болница „8 Септември“, додаде Филипче.
Владата вечерва одлучи да се затворат сите гранични премини во Република Северна Македонија, за премин на странски државјани, патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила за претставниците на димпломатскиот кор во државава, како и за други лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.
Ова вечерва на прес-конференција го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
– Овие товарни возила и лица ќе влезат во Република Северна Македонија според посебни услови за заштита согласно протоколот на МЗ, рече Филипче во Владата.
Се затвора и Меѓународниот аеродром во Скопје, Граничниот премин, освен за државни, воено, карго и медицински хуманитарни и празни летови по истекот на 48 часа од денот на влегување во сила на оваа одлука.
Филипче рече дека се потенцирало и повторило МВР да постапува поинтензивно во однос на проверките и решенијата за одлуките за самоизлација и за тоа да го информира Главниот штаб во Владата и самата Влада.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров вечерва апелираше граѓаните да се воздржат од патување во странство.
Димитров на прес-конференција во Владата упати порака и до оние наши државјани кои имаат регулуран статус и престој да останат во државите каде што престојуваат.
Приоритет на МНР во моментов се граѓаните кои се заглавени на граничните премини во трети држави.
Групата од 200 македонски државјани кои беа запрени на српско- унгарската граница се пренасочени преку Романија и Бугарија и во утринските часови треба да пристигнат на Деве Баир, информира Димитров.
Посочи и дека има најави од ЕУ за можни рестрикции во движењето на луѓето поради ширењето на коронавирусот