
На чекор пред дебарскиот карантин- блокада на Бошков мост, хеликоптери во воздух, совесни граѓани
Бошков Мост е последната точка до која се стига пред карантинот во кој се наоѓаат Дебар и Центар Жупа. Полицајци и пречки на крајот од мостот го држат карантинот под контрола. Има 4 вакви приоди кон отсечените општини. Од нив излегуваат само службени возила, како ова медицинска итна помош која брзаше кон Скопје.
Од небото патролираше и хеликоптер. Во Дебар беа прошуштени само две возила,со дебарски регистрации и со локални жители кои се враќаа дома, а се вратија во карантин. Камионет со месо застана и не беше пропуштен. Се чекаше Дирекцијата за заштита и спасување да стигне и да оформи свој пункт за дезинфекција преку кој ќе поминуваат сите возила на излез од Дебар и Жупа. Токму за храната и останатите потреби на граѓаните ќе се отвора карантинот.
Немало проблеми со граѓаните кои се внатре, а состојбата на безбедносен план е оценета како стабилна. Во Дебар останале уште стотина граѓани кои се од другите општини, и кои или биле на работа или на гости кога вчера беше прогласен карантинот. И за нив се води сметка и се сместени кај роднини односно во хотелските капацитети. Бидејќи после Бошков мост се наоѓа излезот кој води кон Лазарополе, Гари и други села од Маврово Ростуше, во карантин останаа и неколку граѓани кои биле во своите викендици и куќи во овие населени места. И за нив се бара решение. За излез ќе треба да го поминат мостот и пунктот за дезинфекција кој доцна попладнево стигна со екипата на Дирекцијата за заштита и спасување.
Миомир Серафиновиќ