
Два нови случаи на Kовид-19 во Македонија – СЗО прогласи пандемија на светско ниво
Два нови случаи на корона вирус во Македонија. Од 12 тестирани денеска двајца се позитивни и се работи за соседи на брачниот пар од Центар Жупа кои се хоспитализирани на Инфективната клиника со ковид-19. Останатите кои биле во контакт со нив остануваат во домашна изолација. Со ова бројот на зарзаени се искачи на девет.
Министерот за здравство попладнево освен за новозаразените ги дообјасни и мерките кои ги донесе владата за намалување на ширење на заразата, поточно кој се може да отсуствува од работа по основ на грижа за дете до 10 години, откако вчера беа затворени градинките и училиштата.
„Овие лица да достават доказ, односно потврда за основот на користење на оправдано отуство. Потврда издадена од детска градинка или уплатница за платен надомест за престој во детска градинка. Копија од патна исправа за возраста на детето или копија од извод од Матичната книга на родени. Потврда за редовен ученик од образовните институции или копија од сведителство. Децата кои не посетуваат детска градинка или не се вклучени институционално во воспитно-образовниот рпцес, родителите на овие деца не се одлободени од работа и извршување на работните активности“, информираше Венко Филипче, министер за здравство.
Оние кои се ослободени од работа треба да потпишат писмена изјави и да бидат достапни преку електронска пошта за извршување на работни задачи или во итни ситуации и до 2-3 часа на ден да се јават на работа.
Од работа се ослободуваат и хронично болните со тешки кардиоваскуларни болести, хронични респираторни болести, малигни болести, дијабет 1 и имуно-компромитирачки болести, со потврда од матичен лекар. Владата дополнително ќе извести кои дијагнози се опфатени со ова мерка.
„Вработените лица во Министерството за внатрешни работи, за здравство, Министерство за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, царинската управа, домовите за нега на стари лица и мали групни домови да се изземат од сите заклучоци, мерки и препораки на владата“, информираше Филипче.
Филипче информираше дека се засилени контролита на границата за влез во земјава од високо и средно ризични земји, а сите оние кои се вратиле од некоја таква дестинација и не се ставиле во самоизолација можат да бидат пријавени во Државниот санитарен инспекторат.
Донесена е и одлука вработените во здравствениот сектор да не користат годишни одмори, боледувања овој период. Истовремено телефонскиот број на „Ало докторе“ 15123 со повикувачки број за Скопје, се пренаменува во кол-центар за информации во врска со ковид-19.
За дезинформациите и невистини кои се шират од лица на социјалните медиуми, но и медиумите кои ги пренесуваат, Филипче рече дека МВР ќе преземе соодветни мерки, а МРТВ и МИА се обврзани секојдневно да ги објавуваат соопштенија и мерките на владата поврзани со Ковид-19.
Но ова не се крајните мерки поврзани со Ковид-19. Попладнево Светската здравствена организација прогласи пандемија во светки рамки што ќе значи и нови мерки за заштита.
„СЗО деноноќно го следи ширењето на болеста и длабоко сме загрижени поради алармантните нивоа на ширењето и сериозноста и поради алармантите нивоа на недејствување. Затоа ја направивме проценката дека Ковид-19 може да биде карактеризиран како пандемија“, соопшти Тедрос Аданом Гебрејесус, директорот на СЗО.
Филипче информираше дека вечерва или утре ќе контактира со претставниците на СЗО и препораките кои ќе бидат дадени од нивна страна ќе бидат имплеменирани во системот.
Тамара Грнчароска