
Апсолвентите ќе останат и без ексукрзија и без пари, туристичката фела пред банкрот – бара помош од државата
Наместо апсолвентска екскурзија 12 денови низ европските метрополи, околу 500 апсолвенти од земјава ќе останат и без патување и без уплатените пари. Требало да тргнат на 14 април и да прошетаат низ Италија, Франција, Шпанија, Холандија, Чешка, Австрија, токму низ жариштата на корона вирусот.
Иако одлучиле да ја почитуваат препораката на Владата и да го откажат патувањето, денеска револтирани ја опседнаа туристичката агенција „Рапсоди“.
Велат иако се откажуваат 30 денови пред тргнување, Агенцијата сака да им задржи по 10.000 денари иако според договорот требало само 5 проценти или по 1.500 денари.
„Се правдаат со тоа што немаат моментално пари и дека тој член 6 од договорот не важи и дека право за откажување на патникот не е можно и дека ќе се задржат трошоците кои се уплатени.Имаме уплатено 10.000 денари. Рекоа дека сите ќе ги задржат моментално немаат пари за враќање на сметка. Понудија некој ваучер симболичен но тоа не доаѓа во предвид“ – вели Александар Ангелов, студент.
Од Агенцијата велат дека платиле над 80.000 евра за резервација на хотелите, во период кога немаше опасност од коронавирус во Европа и сега немаат пари за да им ги вратат на студентите. Бараат помош од државата и трпение од студентите.
Се задржува само оној износ кој што е во иознос на реалните трошоци платени према хотелите. Реалните трошоци се повеќе од 11.000 денари, меѓутоа она што на секаков можен начин пробуваме да го направиме е да бидат задржани 10.000 денари кои што одат како ваучер на наредно патување. Како ќе бидеме обештетувани од страна и на осигурителните компании согласно законските прописи и враќањето на парите од хотелите, кажано им е дека во извесен временски период истите ќе им бидат вратени. – вели Мартин Ристов, косопственик на Т.А „Рапсоди Травел“.
Туристичката фела денеска излезе со 10 барања до Владата. Велат секторот е пред колапс, загубите се 80 проценти, откажани се до 70 проценти од странски тури во земјава, а и патувањата на македонците надвор за 90 проценти.
Бараат итни мерки за да не банкротираат. Тврдат тие немале осмомартовските тури за Италија, но имале за Германија и Франција.
„Моментално се случува буквално нула. Сите тури се откажани, претпроставуваме во комуникација со нашите партнери до крај на мај а најверојатно и јуни се комплетно загубени. Значи сите буквално држави преземаат мерки да се ублажат тие последици со цел да успееме да ги задржиме луѓето на работа, тоа енајголемата борба е да успееме да ги задржиме луѓето на работа – вели Влатко Сулев Национална асоцијација за инкаминг туризам.“
Од Министерството за економија пак им порачаа ситуацијата со коронавирусот да не се користи за постигнување придобивки. Велат свесни дека туристичкото стопанство има сериозни последици, но и другите гранки во економијата се на удар.
Од ресорот ги упатија да достават конкретните пресметки за штетите.
Александра Филиповска