
Сите обвинети за организатори на 27-ми април убедуваат дека ќе докажат дека се невини
Прв со воведни зборови почна екс спикерот Трајко Вељановски. Обвинението е нарачка од СДСМ, а обвинителстово како и СЈО коцка од мозаик за обезбедување пратеници за уставните измени, рече Вењановски.
Делото е смешно. Се товарам за примена односно за непримена на деловник. За тоа може да се сноси политичка, а не кривична одговорност, порача Вељаноски.
Неговиот адвокат пак го оспоруваше делот од обвинението во кој е истакнато дека испратил СМС на лидерот на вМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за она што се случува во Собранието.
Адвокатите на обвинетите Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски тврдеа дека обвинението се темелело само врз сведочењето на Александар Василевски Нинџа. Тврдат дека со помош на телефоните и базните станици ќе докажат дека ниту биле заедно, ниту пак во зградата на ВМРО-ДПМНЕ.
Екс директорот на УБК Владимир Атанасовски реши да не дава воведни зборови. Неговиот адвокат тврдеше дека тој немал намера да го загрози уставниот поредок како што пишува во обвинението, туку напротив сторил се да го обезбеди.
Двајцата сведоци кои беа предвидени за денеска, тогашниот пратеник Оливер Спасовски и еден од амнестираните во другиот случај за крвавиот четврток Михаил Младеновски не дојдоа, па ќе сведочат на следното рочиште.
Инаку како организатори се обвинети четворица, додека Никола Груевски и Никола Бошковски не се опфатени со обвинението бидејќи се избегани од земјава.
Билјана Николовска