
КОД: Ниту обвинителството ниту пратениците не направиле контрола во ОТА
Единствена среќа на македонските граѓани е тоа што официјално државните институции немаат таква опрема и софтверски пакети, за да ги следат интернет апликациите за комуникации.
Сите тие што МВР односно УБК ги купувало под раководство на Сашо Мијалков и Горан Грујевски сега се неподновени и неапдејтирани и не може да се користат. Иако законот наложуваше сите апарати за мобилно следење МВР да ги предаде на обвинителството за гонење на организиран криминал тоа досега не се случило.
Станува збор за познатите жолти комбиња, случај за кој под име Странски служби отвори и СЈО. Купени, преплатени, неискористени или злоупотребени. Таква им беше улогата која ја утврди обвинителството но досега никој не одговараше за тоа.
Тие компјутерски програми сега се под владение на обвинителството, но никогаш не го напуштиле кругот на МВР.
Истражителите на обвинителството за организиран криминал имаат можност таквите апарати и програми да ги земат ана реверс од обвинителството и да ги користат за прибирање на информации, надвор од системот на ОТА.
Но тоа во пракса не се случува бидејќи не се функционални и не се во обвинителството. Еден од предлозите кои се појавија во јавноста е дека такви апарати за следење комуникации од типот на Вибер и ватсап треба да се дел од ОТА, односно да ги набави ОТА и да ги користи со судски наредби и да бидат строго контролирани.
Таа идеја се уште не се претвори во јавна расправа, која ќе треба да опфати не само тоа туку да одговори и зошто државата не овозможи ефикасен надзор врз следењето на комуникации или ги намали казните кои нелегално ќе имаат апарати за прислушување и следење.
Единствената добра работа е што европската комисија во последниот мини извештај оцени дека во областа има напредок, и со реформите на тајните служби и со надзорот.
Иако обвинителството досега не направило контрола во ОТА ниту пак паратениците може да видат што се случува во мистериозниот свет на електронските комуникации.
Миомир Серафиновиќ