Шоферот на автобусот со кој допатуваа двајцата заболени луѓе е негативен на корона вирус

Министерството за здравство соопшти дека шоферот на автобусот со кој допатуваа двајцата ново-заболени пациенти е негативен на корона вирус.

Тој денеска со нова тура патници од Италија бил пречекан на граничниот премин Табановце. Автобусот бил тргнат на страна, а до добивањето на резултатите од тестот, тој и патниците биле во неколку-часовна изолација во објект на Царинската управа на граничниот премин.

Истовремено, министерството соопшти дека до истекот на 14-иот ден од периодот на инкубација, пресметано од последниот ден на контакт со заболените (27 февруари), шоферот ќе остане во домашна изолација, под здравствен надзор на епидемиолозите.

Патниците кои денеска пристигнале со него, биле прегледани од епидемиолозите на граничниот премин при што кај ниту еден не била индицирана болест и биле пуштени дома.

Тие немале контакт со позитивен пациент, но дадени им се препораки, доколку почувствуваат некои симптоми, да не одат по здравствени институции, туку веднаш да се јават во центрите за јавно здравје.

“По денеска одржаната прес-конференција, според последната информација добиена од МВР, вкупниот број на патници во автобусот со кој на 27 февруари пристигнале заболените пациенти е 28. Оваа бројка ги вклучува шоферот-сега веќе тестиран и негативен, двајцата заболени пациенти и тројца патници кои ја напуштиле земјата. Сите 22 останати се идентификувани и контактирани. Со решение на ДСЗИ за здравствен надзор со полициска придружба сите остануваат во домашна изолација, а за непостапување по решението следат правни консеквенци” – соопшти министерството за здравство.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ