
Рецептот на 101-годишниот Цане од Борилчево за долг живот – без цигари но по една чашка ракија дневно
Цане Гелевски е најстариот маж кој живее во Брегалничкиот регион, постара од него е само 102-годишната Пракса Златкова од село Дулица во Македонска Каменица.
Дедо Цане пред еден месец со роденденска торта го прослави 101-иот роденден, а сега врви кон 102-та година.
Пред камерата на Телма говореше за своите пет синови и жена која починала точно пред половина век.
Гелевски веќе над 15 години живее во селото Борилчево во Општина Чешиново-Облешево, заедно со неговиот најмал син и снаа.
Инаку е роден и до својата 85 та година живеел во скопското село Дивљак на надморска височина од 800 метри. Работел во училиштето, во своето родно село бил и поштар им ја носел пензијата на соселаните.
На семејството до пред две години помагал во бачилото со овците и јагнињата, и покрај тоа што се движел со помош на двата бастуни. Задоволен е од негата која му ја дава семејството, а посебно од неговата снаа Снеже.
Дедо Цане до ден денеска нема запалено цигара, секој ден задолжително си бара по една чашка ракија. Како добар домаќин ја праша и екипата на Телма од каде доаѓа и дали е убав животот во Штип.
Истражувањата на Еуростат покажуваат дека очекуваниот животен век на просечен граѓанин на Македонија е 75,4 години, што е за пет и пол години пократок од жителите на ЕУ кои во просек живеат 81 година.
Но, здравиот и активен живот, постојано да се биде позитивен и насмеан е рецептот за да се живее над сто години смета семејството Гелевски.
Дедо Цане и покрај тоа што во животот поминал низ низа проблеми, се уште знае да си ја запее омилената песна Кирјана мома убава, но и да си засвири на кавалот.
Викторија Јованова