Партиска препирка за тоа кој подобро управувал со ЕЛЕМ

Раководството на АД ЕСМ, поранешна ЕЛЕМ, во јануари 2017 година, а можеби  и пошироки структури на државно ниво, ја подготвиле ситуацијата во енергетската компанија за таа да биде погодна за скап увоз на струја, рече денеска на прес-конференција директорот на Електрани на Северна Македонија АД ЕСМ Васко Ковачевски.

Според него, актуелниот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој раководеше со ЕЛЕМ во тој период, во јануари 2017 година увезoл струја по цена и до 240 евра за MWh и потрошил 5.600.000 евра.

Подготовката на увозот почнала претходно, кога на 29 декември 2016г Мицковски бара од Регулаторната комисија за енергетика да им ги пратат правилата за набавка на електрична енергија. На 5 јануари 2017г добиваат решение од регулаторната комисија за одобрување на правилата за набавка на струја, и веднаш, од 8-ми јануари го започнуваат скапиот увоз на струја.Истовремено, уште додека ја чекале дозволата, извршиле исклучување на блокови во РЕК Битола и РЕК Осломеј, изјави Ковачевски.

ВМРО ДПМНЕ возврати дека  има трипати повеќе поништени тендери во АД ЕЛЕМ откако е директор Ковачевски.

“Бројот за поништени тендери во 2019 кога Ковачевски е директор во однос на 2017 е пораснат од 149 на 409”,  соопштија од оваа партија.

“АД ЕЛЕМ е една од најголемите институции во Република Македонија и институција која е во првите 10 најголеми објавувачи на тендери и јавни набавки. Затоа и Васко Ковачевски беше поставен за директор, за да може да ги реализира јавните набавки и тендери на АД ЕЛЕМ и РЕК Битола по теркот на Заеви. Транспарентноста е слаба страна на СДСМ и Зоран Заев, па затоа во текот на 2019-тата година, мораме да потенцираме дека дури 57% од сите објавени тендери во Република Македонија, завршиле со 1 или 2 понудувачи во 4 очи.” – тврди ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ