Неизвесна поделбата на медиумскиот рекламен простор

ДИК не прецизира: Кои партии и во каков сооднос ќе учествуваат во поделбата на медиумскиот рекламен простор. Претседателот на ДИК Оливер Деркоски смета дека како и за други прашања, и за ова прашање партиите треба да се договорат самите меѓу себе.

Се работи за значителен медиумски простор. Според Изборниот законик, по 45 одсто делат првите две партии од власта и првите две од опозицијата, додека сите други ќе ги делат останатите 10 одсто. Според резултатите од последните парламентарни избори, владеачки се СДСМ и ДУИ, а опозициски ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА. БЕСА има член во ДИК и, со одлука на ДИК, предлага членови на избирачки одбори. Деркоски деновиве посочи на дилемата дали БЕСА може да го задржи статусот на четврта партија, ако се има предвид дека таа ќе коалицира со СДСМ, па оваа коалиција ќе добие медиумски простор и како владеачка и како опозициска. Алијансата на албанците го побара овој простор како и членови во избирачките одбори како втора опозициска партија, но Изборниот законик не третира ваква ситуација и за основа ги зема резултатите од последните избори.

На овие парламентарни избори најверојато нема да има независни кандидати. Емилија Гелева, која ја предводи листата во Изборната единица 1, има само 74 потписи. Од сите шест независни кандидатури, најмногу има Горан Тасковски во петката – 255, но рокот за собирање илјада потписи завршува вечерва на полноќ.

За сега е неизвесно и гласањето во дијаспората. Пријавени се 2 илјади 800, а за да се организира гласање неопходни се најмалку 6 илјади 540 гласови. Рокот за пријавување на нашите иселеници или привремено вработени во странство истекува на 11-ти март.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ