„Рекет“: Српската композиторка Марина Туцаковиќ му дала на Боки 13 150 илјади евра за да и купи лекови и облека

150 илјади евра во кеш и на рака добил Боки 13 во домот на српските композитори Марина Туцаковиќ и Александар Радуловиќ и со тие пари во Милано требало да купи облека и лекови за неа. Ова денеска го изјави Александар Радуловиќ, кој како сведок на одбраната, даде исказ пред судскиот совет на рочиштето за случајот „Рекет“.

Тој сведочеше дека со Јовановски се блиски и семејни пријатели, оделе заедно на одмор и често бил гостин во нивниот дом. Последната средба е на  21 февруари минатата година кога  му биле дадени парите. Според Радуловиќ со 150те илјади евра Јовановски требало да купи седум месечна терапија за српската композиторка која веќе била нарачана и резервирана а која чинела 12 илјади евра месечно.

Тој кажа дека секогаш кога имало потреба го помагале финансиски и на пријателска основа а така било и при основањето на „1тв“ бидејќи имале интерес да го прошират своет влијание во естрадата преку телевизијата. Сумата која ја дале не беше откриена.

Обвинителката Русковска, во вкрстеното испрашување, побара од сведокот доказ дека се даде пари наменети за телевизијата.

Материјален доказ дека сме дале пари немаме, немаме договор. Нашиот однос е пријателски. Имаме потпишана писмена изјава, сведочеше Радуловиќ.

Бранителот на Јовановски, адвокатот Сашо Дуковски, најави дека на следното рочиште во рамките на изведувањето на материјалните докази тој ќе презентира слики  со кои ќе се потврди дека одземената гардероба не е купена со парите од чантата „Луј Витон“.

Меѓу материјалните докази кои ќе ги изведе одбраната на Јованоски се и решение за денационализација според кое на неговиот дедо му се исплатени 300 илјади евра, потврда за позајмица од фудбалерот Стевица Ристиќ во висина од 125 илјади евра, доказ за добиени 50.000 евра од продаден имот на бабата на Боки, Евгенија Лазаревска и неколку купопродажни договори за имот во центарот на Скопје.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ