
Започна процедурата во шпанскиот Сенат за членството на Македонија во НАТО
Протоколот за членството за Македонија во НАТО стигна во сенатот на Шпанија, кој е последната скала која ја дели земјава од полноправното членство во Алијансата. Протколот кој на 27 февруари помина во долниот дом на шпанскиот парламент вчера е доставен до Сенатот т.е. горниот дом на шпанскиот парламент. Според процедурата на Сенатот до 9 март е рокот за доставување коментари на Протоколот, а календарот на Сенатот покажува дека шпанските сенатори процедурата за документот треба да ја завршат до 25 март.
„На 5 март 2020 година примен е во ова тело текстот испратен од Конгресот, за планираното одобрување – Протоколот на северноатлантскиот договор за пристапување на Република Северна Македонија, донесен во Брисел на 6 февруари 2019.“, се наведува во документот на шпанскиот Сенат.
Протоколот е упатен до Комисијата за надворешни работи на Сенатот означен со ургентно. Доколку роковите на сенатот се реализираат и најдоцна до 25 март се изгласа Протоколот, со тоа ќе заврши процедурата и во последната земја-членка на НАТО за полноправното членство на Македонија.
Македонското собрание веќе го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО, а кој ќе стапи на сила по објавување во Службен весник откако ќе помине ратификацијата во шпанскиот парламент. Документот потоа ќе биде додаден на Вашингтонскиот договор. Според неофицијални информации целата процедура на депонирањето во Вашингтон и кревањето на знамето на Македонија пред седиштетот на НАТО можно е да се заврши во првата недела од април со што и ќе се официјализира полноправното членство на Македонија во Алијансата.
Тамара Грнчароска