Македонските банки лани заработија 114 милиони евра

114 милиони евра заработија Македонските банки во 2019 година. Ќарот е помал за 21,5 милиони од 2018-тата кога прикажаа рекордна добивка од речиси 136 милиони евра. А над 100 милиони почнаа да заработуваат од 2017- тата- кога прикажаа профит од 106 милиони евра.

За експертите – високата профитабилност на домашните банки доаѓа пред се од големата разлика меѓу каматите кои банките ги наплатуваат за кредитите, и тие што ги исплатуваат за депозитите.

  • Најголем дел од профитабилноста кај банкарскиот сектор се должи на тоа што имаме се уште висока нето каматна маргина помеѓу депозитите и кредитите во банкарскиот сектор, а знаеме дека населението продолжува со забрзано темпо да се задолжува, тоа е едната работа.Можеме да видиме зголемување на оперативната ефикасност кај банките,значи намалување на нивните оперативни трошоци предсеза плати итн,што е особено корисен факт кој придонесува кон нивната профитабилност.Понатаму приливите кои имаат од провизии се зголемуваат“ – вели универзитетскиот професор Борче Тренески.

Лани домашните банки само од камати и провизии наплатиле над 436 милиони евра. Само од камати 313 милиони од кои 163 милиони евра се од домаќинствата. А само од провизии и надоместоци наплатиле 123 милиони евра или за 13 милиони повеќе од 2018-та.

Според Тренески, се уште политиката на Народната банка на намалување на каматитете на благајничките записи не дава доволно резултати.

  • Тој механизам од намалување на каматната стапка во централната банка и кај банките не се следи во целост, односно се уште политиката на Народна банка не дава доволно ефекти. И се уште каматните стапки, ако ме прашате мене имаат простор да се намалуваат“- вели Тренески.

Податоците на Народната банка покажуваат дека од 114 милиони добивка лани, речиси целата или 113,3 милиони евра завршила кај големите банки.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ