
Дружбите на функционери и обвинители со Боки 13 ќе немало ако УБК известил за рекетот дознаен од Ана Камчева- тврди Фросина Ременски Ташевска
Кога Ана Камчева му кажала за рекетот од Боки 13, тогашниот директор на УБК Горан Николовски требало да пријави,а не да дава совети- смета Ременски Ташевска која оваа постапка ја доведува во врска со тоа што Николовски бил кираџија во куќата на адвокатот на Орце Камчев.
Како директор на УБК Николовски требало и да ги предупреди државните функционери кои според Ременска најверојатно не знаеле дека се сликаат и дружат со некој што бара пари за средување услуги во СЈО.
-Претпоставувам дека не бил информиран. Затоа што ако бил информиран државно-политичкиот врв, тогаш сигурно немало да следуваат јавните појавувања и дружби на политичари, јавни обвинители, луѓе од правосудството со обвинетите во Рекет. Дополнителен е сомнежот зошто не е пријавено до тие што требало да ја знаат информацијата дека се случува нешто такво. Тоа е класично прикривање. За мене е несфатливо и непоимливо, зошто во тој период имаме советување за снимање во дом на лице во домашен притвор (н.з. на Орце Камчев) од страна на овластено лице кое имало можност и обврска да преземе службено дејствие, рече Фросина Ременски Ташевска.
Куќата на адвокатот на Камчев, во која под кирија живеел Горан Николовски била пријавена во неговиот анкетен лист утврдиле проверките на антикорупционерите, каде денеска беше и Ременски.
За нејзиниот сопруг (Јовче Ременски) кој работел на висока позиција во истата УБК раководена од Николовски, а кој прво беше предложен за сведок на судењето за Рекет, а потоа одбраната на Боки 13 го повлече, пратеничката вели дека според законските дефиници не може да биде сведок.
-И јас и моето семејство немавме никаква директна и индиректна врска со семејството Камчеви и случајот Рекет за да би можеле да бидеме сведоци во постапката. Дополнително е што медиумите известуваа за сопругот на Ременски, а например беше пропуштено да се каже дека сведочеше јатрвата на Радмила Шекеринска, вели пратеничката.
Ременски е обвинета пак заедно со Боки 13 во предметот за меѓународен сојуз. Не се чувствува оставена и предадена од својата партија СДСМ, но се чувствува предадена од јавноста и медиумите кои според неа не ги поставувале и анализирале вистинските прашања поврзани со причините за отворање на предметот Рекет.
Од друга страна на прашање на Телма зошто не каже во јавноста какви кривични дела и злоупотреби на тајната служба се кријат во доверливите документи најдени кај неа, одговара дека со прецизни одговори ќе се откријат имињата на тие што згрешиле.
Претставки и за Силјан Аврамовски и за случајот АФИС
Пратеничката Ременски задоволна од она што го сработеле антикорупционерите по нејзините претставки. Ременски смета дека противзаконски е дадена советничка функција во МВР на пензионираниот Силјан Аврамовски. Поднесена е и претставка за предолго траење на истражната постапка за откритијата на Ременски дека со пари на Факултетот за безбедност наместо научни лаборатории биле купени три лаборатории и компјутерски системи за потребите на УБК, односно за МВР.
Николовски: Немам коментар
Посочениот од Ременски, екс директорот на УБК Николовски го контактиравме преку СМС порака. Ни одговори дека нема коментар.
Николовски беше последен директор на УБК поставен во летото 2017-та. Со формирањето на АНБ и укинувањето на УБК во септември 2019 Николовски остана да работи во новата тајна служба, но не беше избран за директор иако конкурираше.
Миомир Серафиновиќ