
Новинарите и порачаа на власта: Врзете си ги кучињата!
Врзете ги кучињата, тоа се ваши кучиња, од партија во владата, му порача претседателот на ЗНМ, Насер Селмани на министерот Роберт Поповски на денешните протести по заканите кои кон Селмани ги упати партискиот функционер на ДУИ Бекир Асани и неговиот брат. Новинарите бараат и полициска заштита за Селмани и истрага од обвинителството, а претставниците на владата засега вербално ги осудија заканите.
Од Здружението на новинари на Македонија, до владата со транспаренти и тешка порака. Новинарите што демонстрираа побараа и полициска заштита за претседателот на ЗНМ кој претрпе неколку закани од функционерот на ДУИ Бекир Асани и од неговиот брат, како и брза истрага на надлежното обвинителство.
Протестот имаше мото „Копилињата дојдоа“, откако членот на раководните тела на ДУИ Асани јавно го нарече претседателот на ЗНМ-копиле. Претходно вицепремиерот Бујар Османи кој заедно со Бекир Асани е член на партискиот Совет на ДУИ истакна дека оваа влада е за медиумски слободи и против закани за новинари.
Слични пораки, институциите да истражат, со вербална осуда истакна и министерот Роберт Поповски кој говореше на протестот. Но новинарите му одговорија дека немаат чувство дека се презема нешто со насилникот од помалата владеачка партија.
Досега нема информации дали обвинителството отворило постапка и каква за заканите од Асани- кои почнаа по првиот инцидент кој тој го имаше со полицајка која ја нападнал.
Дополнување:
Во 15:19 часот од Јавното обвинителство ни одговорија дека е отворен предмет за случајот и дека се повикани двајца (оштетен и пријавен за закана) да дадат исказ.
-За настанот за кој покажувате интерес ве известуваме дека во Основното јавно обвинителство Скопје е примено писмено известување од СВР Скопје – Единица за насилен криминал и истото е веднаш распоредено кај надлежен јавен обвинител кој постапува по предметот. Во насока на утврдување на фактите, надлежниот јавен обвинител презема дејствија за прибирање на потребни податоци. Повикани се и оштетениот и лицето што го дало кометарот за да дадат исказ во обвинителството, ни одговорија од обвинителството, но не е прецизирано дали ќе биде повикан и самиот Асани.
Миомир Серафиновиќ