
Двајцата лекари вратени од Мадрид и уште 2 други лица негативни за присуство на корона вирусот
Резултатите на двајцата лекари кои се вратиле од конгресот во Мадрид се негативни за присуство на корона вирус, соопшти министерството за здравство.
“Тие се вратиле во земјава во саботата навечер, а вчера Светската здравствена организација (СЗО) ги извести здравствените власти дека во текот на вчерашниот ден кај еден од предавачите на конгресот било утврдено дека е заболен од корона вирус. По тестирање на инфективната клиника, тие остануваат во домашна изолација во наредните 14 дена” – се вели во соопштението на министерството.
Во меѓувреме уште две лица биле тестирани за корона вирус , еден кинески и еден македонски државјанин. Кинескиот државјанин денеска пристигнал на скопскиот аеродром, но иако немал симптоми, службите на аеродромот го изолирале и веднаш го контактирале Институтот за јавно здравје, бидејќи е патник кој доаѓа од Кина. Македонскиот државјанин е наш студент во Италија.
Тестовите на овие две лица исто така биле негативни на корона вирус, потврди министерството за здравство.