
Полициско и армиско засилување на јужната граница – ќе се крпи и унгарската жица
Полицијата и армијата ќе го засилат своето присуство на јужната граница кон Грција поради можност од нов бегалски бран. Одлуката е донесена на утринскиот Управувачки комитет за кризи на владата. И полицијата и војската ќе ја зголемат бројката за по 30-тина дополнителни припадници. АРМ покрај тоа ќе прати и контингент од инжинерската единица за да се погрижи за жичената ограда поставена на граничната линија при големиот бегалски бран пред 5 години. Инжинерците треба да ги закрпат сите дупки на оградата и да ја проверат издржливоста на бариерата. Оградата беше поставена пред 5 години, дел од неа беше купен од Унгарија, а столбовите беа купувани во Словенија. Мигрантите ја користеа можноста кога не е покриена за да ја пробијат и да влезат илегално. И покрај долгата ограда на границата често има обиди за нелегално преминување, па така вчерашниот ден војниците спречиле 4-ца мигранти кои се обиделе да ја преминат границата. Најголем дел од мигрантите и бегалците кои се обидуваат да влезат во Македонија не се дел од новите групи кои го напуштаат сирискиот регион Идлиб каде се водат тешки борби меѓу сириската и турската армија. Сите тие само транзитираат низ државата, а полицијата и армијата се подготвени и веќе обучени за сите можни сценарија на границата, вели техничкиот премиер.
На целата јужна граница кон Грција и на дел од северната граница кон Србија во кумановско-липковскиот регион на сила е вонредната состојба која трае од 2015-та и се продолжува од паралментот на секои 6 месеци. Пред распуштање на Собранието, пратениците изгласаа продолжување на уште половина година со што војската има право да дејствува на границите во операциите за заштита на државната територија од илегални преминувања. Кај Гевгелија и кај Табановце има и два транзитни центри за бегалците и за мигрантите каде се сместуваат додека траат нивните постапки.
Миомир Серафиновиќ