
ДУИ ги уценува партиите на Македонците, но од несебични мотиви?!
Интегративците ги уценувале македонските партии за формирање на влади, но од несебични мотиви. Така барем тврди партискиот портпарол, Бујар Османи, коментирајќи ги партиските повици, да се освојат повеќе гласови, за да се избегнат уцените од ДУИ, кои 18 години беа коалициони партнери во сите влади.
Османи не очекува предизборната коалиција на СДСМ и БЕСА да го намали нивниот број на пратеници. Иако ја смета оваа коалиција за непринципиелна, не ја исклучи можноста од постизборна коалиција со овие две партии. Но, политичките калкулации ќе се прават по објавувањето на резултатите од изборите.
За СДСМ не доаѓа предвид само коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, сите останати опции се исто така отворени. Од најголемата опозициска партија, пак, велат дека се мали шансите за предизборно коалицирање со партија на Албанците, додека постизборно е можно се. Преговори водат и традиционалните сателит партии околу владејачките партии, што би можело да доведе до ситни прегрупирања пред и по изборите.
Алијанса за Албанците и Алтернатива веќе ја официјализираа предизборната коалиција, а неколку помали партии, како Левица и Интегра, најавуваат самостоен настап. Деновиве и граѓанската платформа „Македонски концепт#, која произлезе од реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ, најави подготвеност за учество на изборите.
Далиборка Демјанска Цветановска