
Возачот на комбето пренесен во болничка изолација, се чекаат резултатите од тестот за присуство на коронавирус
Возачот на комбето во кое се превезуваше скопјанката заразена со коронавирус, утрово пријавил дека има кашлица и болки во градите и со тим од епидемиолози бил спроведен во изолација во болницата во Струмица каде се земени материјали и брисови и се дадени за тестирање.
Министерот Венко Филипче соопшти дека анализата на резултатите веќе се прави во лабораторија во Скопје и до крајот на денот ќе се знае дали тој е позитивен на присуство на коронавирус.
Филипче додаде дека возачот бил сам во домашна изолација, немало други членови од семејството и дека поради тоа нема простор за паника.
Струмичанецот пак кој неделава се врати од Италија а утрово беше тестиран не е заразен со корона вирус, соопшти министерот.
Двајца бугарски државјани кои живеат и работат во Битола биле во Италија и поради тоа наредните 14 дена тие ќе ги минат во домашна изолација.
Владата, на денешната седница, го прифати предлогот на Управувачкиот комитет и министерството за здравство да се одложат сите поголеми јавни собири во наредниот период поради опасноста од корона вирусот.
Владата донесе заклучок со кој на организаторите им се препорачува настаните да бидат одложени до 6 март.
Тоа се однесува на двата карневали во Струмица и Прилеп, и на сите спортски настани и првенства вклучувајќи го и натпреварот од лигата на шампиони на ракометниот клуб Вардар.
„Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп и сите слични. Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации” – соопшти владата.
Околу скопјанката која е носител на коронавирусот, Филипче соопшти дека е во стабилна здравствена состојба, без никакви компликации и додаде дека лекарскиот тим проценил дека веќе почнала да закрепнува.
Исто така дванаесетте лица од Скопје и Струмица кои се во домашна изолација се во добра здравствена и психичка состојба а тимови на Црвениот крст секојдневно вршат дотур на храна вода и сите неопходни продукти.
Огнен Чанчаревиќ