
ОЈО: Нема елементи за кривично дело за МРП вакцините
Основното јавно обвинителство одлучи дека МРП вакцините во периодот од крајот на 2018 до почетокот на 2019 година, биле исправни и нема место за отворање на кривичен прдмет по допрен глас.
Од ОЈО соопштуваат дека во предметот се испитувале евентуални неправилности околу увозот, рокот на употреба и евентуално предизвикани штетни последици од вакцините. Дополнително за истиот настан кривична пријава поднело и Здружението на граѓани за заштита на човековите права „Здравје со игла не влегува“ од Кичево.
Проверки биле направени кај „Македонија лек“, увозник и дистрибутер на вакцината МРП, во смисла кога бил направен увозот на оваа вакцина, која количина била увезена, од кого и од каде била истата увезена, до кога бил рокот на употреба на увезените вакцини, дали етикетите на пакувањата од вакцините биле дополнително залепени, а доколку било така, од кои лица биле залепени и кои биле причините за тоа или пак вакцините биле доставени со залепени етикети, како и на други околности за набавка и дистрибуција на предметните вакцини. Едновремено, со Наредбата беше побарано да се извршат проверки и во Министерството за здравство како ресорно министерство.
Со цел да се спроведе потребната лабораториска анализа, Основното јавно обвинителство Скопје, предметните вакцини кои беа обезбедени како доказ ги испратило на вештачење до Paul Enrlich-Институтот од Ланген, Германија.
Постапувајќи по Наредбата за вештачење на ОЈО Скопје, Центарот за испитување на лекови достави Извештај за проценка на пакување од 25.09.2019 година во кој е наведено дека лекот Priorix од производител GlaxoSmithKline Biologicals S.A-Ринсенсарт, Белгија со рок на употреба 05/2019, примен од Македонија Лек ДОО Скопје на 3.04.2018 година содржи неточни податоци на дополнителната налепница на македонски јазик, залепена на надворешното пакување, меѓутоа од наведеното несовпаѓање не може да се констатира дали конкретниот лек е штетен.
Дополнително, со добиените резултати од испитувањето од Paul Ehrlich Институтот од Ланген, Германија се потврдува фармацевтскиот квалитет на лекот и констатирано е дека испитуваниот примерок на препаратот Priorix прашок и вехикулум за раствор за инјектирање во однос на испитаните параметри одговарал на барањата на спецификација на квалитет на производителот.