
Извештајот на ЕК регистрира напредок во реформите во Македонија и во Албанија
Сериозен напредок во реформите во Македонија и во Албанија е забележан од страна на Европската комисија што ќе биде нотирано и во нејзиниот Извештај кој треба да биде објавен на почетокот од идната недела. Еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји од министерскиот состанок на Вишеградската група со земјите од Западниот Балкан во Прага, порача оти се надева дека тоа ќе биде доволно двете земји да ги почнат преговорите за неколку недели.
Она што можам да го кажам за Извештаите е дека има сериозен прогрес во двете земји. Многу сум охрабрен од фактот што двете земји избраа да ги забрзаат реформите наместо да ги суспендираат по многу негативната порака во октомври. Тие се ангажираа во многу значаен начин, исто така од Извештајот може да видиме дека се направени и суштински резултати кои земјите успеаа да ги направат во многу краток временски период. Со овој Извештај навистина се надевам да ги убедиме земјите-членки дека тие се подготвени и дека ние треба да бидеме подготвени да ги почнеме преговорите, изјави Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување.
Вархеи говорејќи пред министрите за новата процесот на проширување на ЕУ рече дека тој е важен не само за земјите за Западниот Балкан туку и за Унијата и поради тоа новата Комисија се труди да го врати проширувањето на масата. Притоа рече дека еден од трите мерки за тоа да се случи е усвојувањето на новата методлогија за преговори која треба да обезбеди испорачување на реформите од страна на земјите, поголемо политичко инволвирање на земјите-членки во процесот на преговарање, поголема динамика на процесот и негова предвидливост.
Според Вархеји доколку земјите испорачаат и ја завршат својата работа, тогаш треба и Унијата да испорача од своја страна.
Тамара Грнчароска