
Двајца антикорупционери се уште не поднеле оставка
Сузана Таскова Аџикотарева и Најдо Спасевски се двајцата членови на антикорупциската кои од вкупно седуммина, се уште не си поднеле оставки. Дека до Собранието до петокот не доставиле оставка потврдуваат службите во парламентот.
Телма се обиде да стапи во контакт со нив и да ги праша која е причината што не го следат примерот на нивните колеги, но успеа да дојде само до Спасевски. Во телефонски разговор тој се правдаше дека не може да зборува бидејќи е многу болен. Ни рече да го побараме утре. А според она што стои во ревизорскиот извештај, кој откри низа нерегуларности за работата на членовите на антикорупциската, токму Спасевски бил еден од најнередовните членови. Според „Сакамдакажам“ кој прв го објави изештајот Спасевски, не присуствувал на најмалку 50 одржани седници. За него нема евиденција дали воопшто доаѓал и на работа затоа што за членовите не се водела електронска евиденција за редовност.
За Сузана Таскова Аџикотарева пак медиумиот пишува дека потрошила 37.000 денари за такси превоз од буџетот на комисијата. Според евиденцијата на ДКСК овие пари се потрошени за нејзино доаѓање на работа. Нејзини колеги пак потрошиле помалку, помеѓу 2.000 и 10.000 денари, а двајца од нив никогаш не користеле такси превоз. Сега експерти го отвораат прашањето каков модел на антикорупциска комисија е потребна на земјава, откако изби скандалот со корупцијата внатре во комисијата. Поранешниот антикорупционер Маалиновски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека сепак прв чекор е итно да се избере ново членство на комисијата.
Инаку еден антикорупцинер може да биде променет ако сам си даде оставка, ако е деловно неспособен или осуден на затворска казна. Мандатот на членовите им е четири години без можност за реизбор, додека претседател се бира еднаш годишно од редовите на членството. Нив ги именува Собранието и тие мора да бидат стручњаци од право или економија, но и да уживаат углед за вршење на функцијата, пишува во Законот за спречување корупција.
За последниот состав и обвинителството отвори предмет по допрен глас откако во јавност излезе извештајот на ревизорите дека се трошело сомнително за патни трошоци и кирии.
Билјана Николовска