
Осомничениот советник во МВР оддал службена тајна
Осомничениот советникот на министерот Оливер Спасовски, Д.С прибавил строго доверлива информација и ја споделил со лице против кое се води истрага, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.
Oсомничениот во февруари се сретнал со познаничка во болница каде ја предупредил дека полицијата ги следи сите нејзини телефонски броеви и порачал да биде внимателна и да престане да го прави тоа што го прави, бидејќи може да ги засилат мерките против неа и да ја следи агент. Д.С од познаничката побарал да не споменува дека информациите ги добила од него.
Министерот Оливер Спасовски денеска изјави дека против советникот е поднесена и кривична пријава за злоупотреба на службената положба.
„Очекувам многу скоро, во законски утврдена постапка, сомнежот да биде потврден или отфрлен. Оддавање на службена тајна, загрозување и наштетување на кривична истрага се кривични дела. Граѓаните ни ја дадоа довербата да се бориме против криминалот и за какви било потврдени незаконски активности ќе има нула толеранција. Тоа треба да му е јасно на секого“, вели Спасовски.
Осомничениот советник вчера бил уапсен по налог на Основното јавно обвинителство од каде му се изречени мерки на претпазливост.