
Скопјанка со 17,2 милиони евра најбогата во 2018, најмалиот „милионер“ бил бебе
Приматот најбогат човек во земјава го презеде жена. Скопјанка е, доаѓа од здравствениот сектор и во 2018 година заработила 17,2 милиони евра бруто приход, или секој месец и легнувале во просек по 1,43 милиони евра. Таа ги претрка најбогатите мажи од претходните години, и тоа за речиси пет пати. Истата жена ја остварила и најголемата капитална добивка во земјава во последните 10 години од 13,7 милиони евра.
Најмногу пак од плата заработил Скопјанец нејзин колега од здравствениот сектор – 3 милиони евра годишна бруто плата. Месечно на негова сметка легнувале бруто по околу 250.000 евра. Највисокото пак лично примање по друг основ било 1,93 милиони евра.
„ Самостојното вршење на дејност во 2018 година најпрофитно е за Скопјани, кои доминираат на листатат со приходи по овој основ, од кои највисокиот изнесува 46.024.172 денари( 748.000 евра). Во 10-те топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, извршители и угостители “- вели Лукаревска.
Земјоделец од Валандово заработил 412.000 евра од продажба на земјоделски производи. Тетовчанец пак од приходи од имот и имотни права заработил 1,37 милиони евра, а Скопјанец е прворангиран по приход од авторски права од 368 .000 евра. Најсреќлија на наградни игри бил Скопјанец кој освоил 872.000 евра. Најбогатиот пензионер пак заработил 93.000 евра од странска пензија.
99- годишник е највозрасното лице со приход од над 16.000 евра, а 93- годишник заработил над 162.000 евра.
Бебе пак родено во 2018 година е најмладото лице кое од дивиденда заработило над 16.000 евра, а 21- годишник најмладиот на листата на приходи од над 162.000 евра.
Во 2018 година биле доставени 796.000 даночни пријави за граѓани кои оствариле бруто приход од 5 милијарди евра.
Александра Филиповска