Почна увидот во Избирачкиот список

Жителите на општина Центар овде може да проверат дали ги има во Избирачкиот список. Изутринава дошле само двајца повозрасни граѓани. Од Подрачната единица на ДИК велат дека вообичаено интересот е поголем во последните денови од јавниот увид. За сите државјани со наполнети 18 години, освен можноста за директна посета на подрачните единици, достапна е и електронската проверка преку матичен број и преку адреса на живеење.  Избирачкиот список стартува со милион 817 илјади и 28 запишани избирачи. Тоа е за 8 илјади 300 повеќе отколку на ланските претседателски избори. Доколку има грешки, граѓаните може да побараат запишување или бришење за време на увидот што завршува на 11-ти март.

Овој рок важи и за граѓаните што се на привремена работа или престој во странство. За да може да гласаат на 11-ти април, тие треба да се пријават во ДИК преку посебна апликација. До вчера, се пријавиле само 710, најмногу во Венеција, Берлин, Берн и Минхен. За да се организира гласање во дијаспората, потребно е да се пријават барем 7 илјади наши државјани, бидејќи толку се неопходни за избор на еден пратеник од дијаспората.

Почна и рокот за собирање потписи за независни кандидати. Од ДИК велат дека до сега се пријавени пет листи. До 6-ти март тие треба да соберат по илјада потписи, а еден гласач има право да се потпише на повеќе листи. Потписите се даваат во подрачните одделенија на ДИК или кај овластени нотари.

Листите на група избирачи и партиските листи содржат по 20 кандидати за секоја од шесте изборни единици и треба да се достават до ДИК најдоцнна до 12-ти март. Кампањата стартува на 23-ти март а завршува на 10-ти април.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ